Кој ги обработува вашите податоци
Контролор на личните податоци е МИКОМ-98 ДООЕЛ Кочани, ул. Илинденска 80, 2300 Кочани, Република Македонија — сопственик на интернет продавницата malenasupplements.mk.
Обработката се врши согласно Законот за заштита на личните податоци на Република Македонија. За секое прашање поврзано со вашите податоци пишете ни на malenacosmetics@gmail.com или јавете се на +389 78 33 00 66.
Кои податоци ги собираме и зошто
Секој податок што го бараме има конкретна намена. Не собираме податоци „за секој случај“.
| Кога | Што собираме | Зошто |
|---|---|---|
| Нарачка | Име и презиме, телефон, е-пошта, адреса, град и поштенски број | За да ја обработиме нарачката, да ја испорачаме пратката и да ве контактираме за неа |
| Кориснички профил | Е-пошта, лозинка (чувана криптирано, никогаш како текст), зачувани адреси, историја на нарачки | За да се најавите, да ги следите вашите нарачки и да не ги пишувате повторно истите податоци |
| Порака преку формата за контакт | Име, е-пошта или телефон, темата и содржината на пораката | За да ви одговориме на прашањето |
| Оценка на производ | Име што сте го внеле и текстот на оценката | За да биде објавена на страницата на производот |
| Плаќање со картичка | Ниту еден податок за картичката — тие се внесуваат кај процесорот CaSys | Ние добиваме само потврда дали трансакцијата успеала |
| Посета на страницата | IP адреса, тип на прелистувач, посетени страници, пребарувани поими | Безбедност, спречување на злоупотреба и подобрување на самата страница |
Со кого ги споделуваме
Не ги продаваме и не ги изнајмуваме вашите лични податоци. Ги споделуваме само со тие што ни се неопходни за да ја завршиме нарачката, и само во обем што им е потребен:
- Курирската служба ELS — име, адреса и телефон, за да може да ја достави пратката и да ве контактира пред испорака.
- Процесорот за плаќање CaSys — износот и бројот на нарачката. Тие ги обработуваат податоците од картичката, кои ние не ги примаме.
- Надлежни органи — само по судски налог, службено барање или друга законска обврска.
Секој од нив е должен со закон да ги штити вашите податоци и смее да ги користи исклучиво за услугата за која се ангажирани.
Колку долго ги чуваме
- Нарачки и податоци за испорака — најмалку три години, како законска обврска за архива на трговец, и заради евентуални рекламации.
- Кориснички профил — сè додека профилот постои. Кога ќе побарате бришење, профилот се брише, а од нарачките остануваат само податоците што мораме да ги чуваме законски.
- Пораки од формата за контакт — колку што е потребно за решавање на прашањето и за евиденција на рекламации.
- Разговори на Messenger и Instagram, заедно со името од профилот — 12 месеци, потоа се бришат автоматски. Ако разговорот се однесува на нарачка или рекламација, тој дел останува со предметот.
Пораки преку Messenger и Instagram
Ако ни пишете на Facebook или Instagram, на разговорот одговараме ние, не Meta — затоа сакаме точно да знаете што стигнува до нас и каде оди понатаму.
Кога ќе ни пратите порака, од Meta добиваме: ознака на разговорот што важи единствено за нашата страница, текстот на пораката и времето кога е испратена, а на Messenger и името од вашиот Facebook профил — истото што го гледаат и нашите вработени во разговорот. Ништо повеќе.
- Името од профилот (само на Messenger) го чуваме со разговорот и го користиме за примачот на нарачката, за да не ве прашуваме за презиме. Профилната слика не ја добиваме.
- Не добиваме е-пошта, ниту телефонски број.
- Ознаката на разговорот важи само кај нас — со неа никој не може да ве побара на друго место.
Кој одговара
На дел од прашањата одговара автоматски асистент. Кога прашањето бара човек — здравствен совет, велепродажба, поплака, или нешто за што асистентот не е сигурен — разговорот се предава на вработен и одговара тој.
Што испраќаме до OpenAI
За да состави одговор, асистентот го праќа текстот на вашата порака до OpenAI, заедно со податоците за производите од нашиот каталог, а на Messenger и името од вашиот профил — за да ја пополни нарачката. Не праќаме ознака, е-пошта ниту телефон, освен она што самите ќе го напишете во пораката.
Ако ни испратите фотографија — на пример слика од производот за кој прашувате, или слика на која сте ги означиле производите што ги нарачувате — и таа се праќа до OpenAI, за асистентот да види за кој производ станува збор. Сликата ја користиме само за тоа: за одговорот, или за да ја запишеме нарачката што сте ја договориле во разговорот. Не ја зачувуваме — ја земаме од Meta во моментот кога ни треба — и не ја праќаме никаде на друго место.
Самите разговори се чуваат на наш сервер во Европската Унија, не кај Meta и не кај OpenAI.
Барања од органи на власта
Понекогаш државен орган може да побара податоци за корисник. Ова е правилото по кое постапуваме, за да не зависи од проценка на моментот:
- Проверуваме дали барањето е законско — дали доаѓа од надлежен орган, во писмена форма и со правен основ. Без тоа не предаваме ништо.
- Го оспоруваме ако е незаконско или прешироко, по потреба преку адвокат.
- Го даваме само минимумот што барањето го бара — никогаш цела база, ниту „сè што имате за ова лице“.
- Го заведуваме секое такво барање — кој го поднел, што побарал, што сме одговориле и врз основа на што.
Колачиња (cookies)
Колачето е мал податок што страницата го зачувува во вашиот прелистувач. Без некои од нив продавницата едноставно не може да работи.
| Колаче | За што служи | Вид |
|---|---|---|
ailo_cart | Ја памти вашата кошничка додека разгледувате | Неопходно |
ailo_session | Ве држи најавени во вашиот профил | Неопходно |
ailo_b2b | Најава во партнерскиот (велепродажен) панел | Неопходно |
ailo_order | Ја покажува потврдата по завршена нарачка | Неопходно |
ailo_lang | Го памти избраниот јазик на страницата | Функционално |
ailo_seen | „Продолжи каде застана“ — последно гледаните производи | Функционално |
Можете да го подесите прелистувачот да не прифаќа колачиња, но тогаш нема да можете да додавате производи во кошничка, да се најавувате ниту да завршите нарачка — тоа е техничко ограничување, не наш избор.
Мерење на посетеноста
Користиме Google Analytics и Meta Pixel за да видиме колку луѓе ја посетуваат страницата и што бараат на неа. Тоа мерење можете да го спречите со подесувањата во вашиот прелистувач или со додаток за блокирање.
Што испраќаме до Meta по нарачка
Ова е одвоено од горното и сакаме да биде јасно кажано. Кога ќе завршите нарачка, нашиот сервер ѝ јавува на Meta дека нарачката е направена, заедно со нејзиниот износ и производите. За да може Meta да ја препознае нарачката како ваша, со неа праќаме и вашата е-пошта, телефон, име и град во шифрирана форма (еднонасочен отпечаток, не читлив текст), како и IP адресата од која нарачувавте.
Тоа го правиме за да знаеме која реклама навистина довела до продажба. Бидејќи оди од нашиот сервер, а не од вашиот прелистувач, додаток за блокирање не го спречува — затоа го пишуваме тука, наместо да оставиме да изгледа поинаку.
Ако не сакате вашите податоци да се испраќаат вака, пишете ни и нема да ги праќаме за вашите нарачки. Истото важи и ако сакате веќе испратеното да биде избришано — тоа можеме да го побараме од Meta во ваше име.
Вашите права
Во секое време имате право да побарате:
- Пристап — да дознаете кои ваши податоци ги чуваме.
- Исправка — да поправите погрешен или застарен податок. Адресата, телефонот и е-поштата можете сами да ги измените во вашиот профил.
- Бришење — да ги избришеме вашите податоци, освен тие што мораме да ги задржиме по закон.
- Приговор — да се спротивставите на обработка за маркетинг цели и да се отпишете од промотивни пораки.
Барањето испратете го на malenacosmetics@gmail.com, со вашето име и презиме и адресата на е-пошта со која е поврзан профилот — така сме сигурни дека барањето е навистина ваше. Одговараме најдоцна во рок од три работни дена од приемот.
Безбедност
Комуникацијата со страницата е заштитена со SSL шифрирање. Лозинките се чуваат исклучиво како криптиран запис, што значи дека ниту ние не можеме да ги прочитаме. Пристапот до податоците на клиентите е ограничен само на вработените на кои им е потребен за работа, и е предмет на интерни правила за доверливост.
Ако забележите каква било сомнителност за нарушување на безбедноста на вашите податоци, контактирајте нè веднаш на malenacosmetics@gmail.com.
Измени на политиката
Оваа политика може да се менува како што се менуваат нашите услуги и законските прописи. Секоја измена се објавува на оваа страница. Препорачуваме повремено да ја проверите.
